Бромелијата (лат. Bromelia) потекнува од прашумите на Јужна Америка, а името го добила по скандинавскиот ботаничар Оланс Бромел. Во својата татковина живее на дрво како епифит. Коренот е слабо развиен, некои видови речиси и го немаат, а тој првенствено им служи за прифаќање за дрвјата на кои живеат.
Листовите се дебели и кожести, наредени како розета со инка во средината во која бромелијата ја складира водата и од таму ги црпи сите материи потребни за живот. Се додека инката е исполнета со вода таа ќе го толерира и сувиот воздух во затворените простории.
Цветовите им се ситни и неугледни, но затоа пак цветните листови – брактеи, се убаво обоени. Кај некои видови внатрешниот инкаст дел е црвено обоен, а во него е скриен цветот, кој останува на растението долго по цветањето.
Бромелиите се размножуваат со семе или со одвојување на страничните млади растенија кои се формираат веднаш до матичното растение. Тие се садат во саксии и редовно се полеваат така што супстратот да биде постојано влажен. Водата се става во инкастиот дел кој се наоѓа во средината на листовите.
Местото каде се поставуваат бромелиите треба да биде светло, топло и заштитено од директно сонце, а во зима кога има послабо сонце, се преместува на светло место, а во март се враќа на сенка. Се прихранува на секои 15-20 дена со течно ѓубриво за цвеќе, директно во инката.
Тука би споменале неколку бромелии кои го заслужуваат вниманието на одгледувачите на цвеќиња:
– Tilandsia lindeniana – со сино-црвени цветови.
– Aechmea fasciata – со прекрасен розев цвет и шарени листови.
– Cryptanthus fosterianus – вид со декоративни листови кои се шарени, тврди и кожести, цветот е бел, но не е особено декоративен.