Оваа атрактивна декоративна билка е една од најпознатите канцелариски растенија. Спаѓа во групата на најдобри природни прочистувачи на воздухот во затворени простории…
Постојат безброј растенија кои се присутни скоро во секој дом, меѓутоа на многу од нив не им ги знаеме ни имињата, а да не спомнуваме за нивно правилно одгледување.
Спатифилумот (лат. Spathiphyllum) e такво растение, за кое се верува дека носи среќа во домот. Уште е познато и како „женска среќа“, бидејќи се верува дека ова растение е одговорно за благосостојбата на жената.
Ако на невенчана девојка й подарете спатифилум, таа за многу кратко време ќе се омажи. Ако го подарете на мажена жена, тогаш таа ќе добие дете.
Всушност, сите собни растенија симболизираат нешто специфично – некои симболизираат среќа во бракот, други – пари, трети – здравје, успех и така натаму. Но, зошто баш спатифилумот се смета за женски покровител?
Од дамнина жените ја забележале позитивната енергија што ја шири спатифилумот во домот, поготово во љубовниот живот. Девојките си пронаоѓале свој избраник, девојките во врска набрзо добивале понуда за брак, а мажените жени имале среќен брачен живот.
Денес, “женската среќа“ е едно од најраспространетите растенија и најомилен подарок за понежниот пол.
Ако сакате ова собно растение да го промени вашиот живот, треба искрено да го сакате, да се грижите за неа, да ја прихранувате и ќе се уверите дека легендите за „женската среќа“ се вистинити!
Поради своите отмени бели цветови (слични на кала), кои доминираат над темно зелените листови, спатифилумот спаѓа во редот на најпопуларни украсни растенија кои го збогатуваат просторот со својата убавина.
Спатифилумот припаѓа на фамилијата Araceae. Родот вклучува околу 40 видови на растенија чиј ареал се влажните тропски области на Централна и Јужна Америка и Југоисточна Азија, каде растат во сенка на огромните дрвја.
Името го добил од грчкиот збор spathe – лист на врв и phyllon – лист, поради големиот заштитен лист што го опкружува цветот.
Постојат различни и бројни сорти на ова растение, но, исто така, може да се купат и во различни големини во зависност од големината на просторијата каде што ќе растат. Најчесто одгледувани хибридни видови на спатифилум се: низок (Spathiphyllum wallissi) кој е висок и до 30 см, но може да израсне во бујна и широка грмушка и висок (Spathiphyllum Mauna Loa) кој има многу висечки листови и цветови и висината може да му достигне и до еден метар.
Спатифилумот е отпорно повеќегодишно растение. Се карактеризира со долги листови од 30-50 см. Цветовите на ова растение може да траат и до два месеци, постепено менувајќи ја бојата од бела во зелена. Кога целосно ќе прецветаат, неопходно е да се пресече целото стебло за да продолжи непречено да цвета.
Светлост, температура, залевање
Спатифилумот природно расте во сенките на големите и разгранети прашумски дрвја, така што и кога се одгледува во домашни услови, бара помалку светлина. Не треба да се изложува на директна сончева светлина, бидејќи може да се појават некои болести, како што се појава на кафеави дамки на лисјата. Ако дојде до тоа, треба да се премести на сенковито место. Најдобро успева доколку саксијата ја поместете на 2 м од јужниот или западниот прозорец, а ќе му одговараат и потемните агли во станот.
Спатифилумот сака рамномерна температура во опсег од 20-25°C. Во зима, не треба да се спушта под 16°C. Во текот на зимата, не треба да стои покрај врати и прозорци кои често се отвораат. Иако спатифилумот е тропска билка, која бара влажен воздух, многу добро го поднесува и сувиот воздух во просториите.
Кога наводнувате, најдобро е растението да го натопите во вода, а потоа да ја оставете почвата да се исуши. Кога ќе дојде време за повторно наводнување, самите лисја ќе се навалат на страна. Се залева со вода од чешма, која се остава преку ноќ да отстои, а дури потоа се наводнува со неа. Во текот на летото, почвата на спатифилумот мора да биде постојано влажна, па се препорачува наводнување 3 пати неделно, додека во текот на зимата се препорачува залевање еднаш во седум дена. При прекумерното залевање со вода, може да не дојде до цветање. Тогаш е потребно да се постави на светлина и да се намали наводнувањето.
Супстрат, пресадување и прихрана
Спатифилумот бара добро исцедена, хумусна почва, со малку песок или тресет, со додаток на кора од дрво. На днотото од саксијата се поставува дренажен слој (камења, стиропор, чакал). Оставете ја почвата да се исуши помеѓу две наводнувања, во спротивно може да дојде до трулење на коренот, бидејќи спатифилумот е многу чувствителен, па доколку почне да венее, проверете дали коренот е цврст, а не влажен и груб. Спатифилумот се пресадува откако ќе ја прерасне постоечката саксија. Вистинското време за пресадување е кога растението ќе ја потроши целата вода во рок од 2 до 3 дена (водата со која ќе го залеете), што е знак дека му е потребен поголем сад. Пресадувањето се врши еднаш годишно, во март или април, во еден број поголема саксија. По пресадувањето, обавезно измијте ги рацете со вода, бидејќи може да дојде до иритација на кожата, поради неговата блага токсичност. Спатифилумот е чувствителен на хемиски ѓубрива, па се препорачува да се користат органски ѓубрива во пролет и лето за да има доволно енергија за цветање.
Размножување
Размножувањето се врши со делење на млади латерални изданоци, после цветањето или со семе. Возрасното растение извадете го од саксијата, поделете го на три дела и засадете во супстрат за цвеќе со додавање на тресет, како три засебни растенија.
Ако имате домашно милениче, кучиња или мачки, држете ги подалеку од ова растение, бидејќи лисјата се благо токсични и доколку се јадат во поголеми количини, можат да предизвикаат болка во устата и грлото. Да се чува подалеку од дофат на мали деца.
Болести кај растението
Спатифилумот не е осетлив на болести или штетници. Може да се случи растението да го нападнат некои инсекти, како црвен пајак или лисни вошки, па затоа е неопходно листовите редовно да се контролираат.
Ова атрактивно декоративно растение е едно од најпознатите канцелариски растенија. Припаѓа на најдобрите природни, растителни прочистувачи на воздухот во просториите. Ги неутрализира отровните гасови како јаглерод моноксид и формалдехид, ја апсорбира електростатичната енергија што ја емитираат техничките уреди и ја претвора во хемиска енергија што ја користат за нејзиниот раст и развој и затоа е многу пожелно растение во домот и канцеларијата.