Божиќното Цвеќе Euphorbia pulcherrima, или кај нас попозната како Божиќна Ѕвезда е предвесник на доаѓањето на Божиќните и Новогодишните празници. Со својата свечена црвено зелена боја одлично се вклопува во празничната декорација на секој дом.
Божиќното Цвеќе е повеќегодишно растение кое покрај во црвена боја, можете да го најдете и во жолта, розева, бела и крем варијанта.
За да Вашето Божиќно цвеќе успева до следната година следете ги овие совети за правилна нега и одржување.
1. Додека цвета Божиќната ѕвезда треба да ја чувате во малку постудена просторија на температура од 15-20 °C, затоа што во потопла просторија брзо ќе прецвета. Не ја поставувајте во близина на радијаторите, клима уредите и други извори на топлина и секако избегнувајте места каде често се отвара врата или прозор.
2. Божиќното цвеќе се наводнува само кога земјата е потполно сува. Проверувајте ја влажноста на почвата на два до три дена.
Наводнувајте со доволно количество вода со цел да се навлажни целата почва, а вишокот на вода што ќе остане во подлошката одстрнете го. Ако не го наводнувате доволно долните листови ќе започнат да паѓаат. Од друга страна, пак, ако пак го наводнувате премногу, долните листови најпрво ќе започнат за пожолтуваат, па потоа ќе паднат.
3. Додавајте прихрана на Божиќното цвеќе еднаш во месецот.
4. Кога листовите на Божиќното цвеќе ќе започнат да паѓаат, одприлика при крајот на зимата и почетокот на пролетта, преместете го на постудено место. Потоа следува период на кастрење на гранките и пресадување на растението во поголема сакисја (доколку е потребно) со нова хранлива земја со 15 % чист песок.
5. Скратете/Подкастрете ги неговите гранчиња на должина од околу 10 сантиметри и притоа внимавајте да ги запечатите местата каде се пресечени гранчињата со восок од свеќа или запрашете го со малку дрвен јаглен, со цел да не истече млекото од цвеќето.
Доколку млекото истече постои голема веројатност цвеќето да не процвета. Постапката на кастрење се извршува со цел да пораснат нови гранчиња и да се развијат нови пупки.
6. На есен, во периодот од Октомври до средината на Ноември внесете го Божиќното цвеќе во вашиот дом и поставете го во потемна просторија. Во овој период му се потребни само 10 часа светлина што значи во периодот од 17.00 до 08.00 часот треба да го поставите во потполно темна просторија бидејки ако дојде во допир со светлина формирањето на црвените листови ќе биде нарушено. Само во такви услови ќе се развијат нови црвени листови во кои ќе имате можност да уживате и следниот Божиќ.