default_mobilelogo

Бенџаминот (лат.Ficus benjamina) или уште познат под името расплакана смоква е омилено собно растение кое води потекло од тропските предели на Азија – Индија и Малезија. Со малку нега може да прерасне во прекрасно тропско дрво или во поголема грмушка во домот. Од него можете да создадете (додека е младо) свое бонсаи дрво во кое ќе уживате. Бенџаминот е најпознат вид од родот на фикуси.

Не му одговара секој простор, и мора да се внимава додека растението е младо. Никако не смее да биде на провев, а потребно му е повеќе светлина, бидејќи листовите ќе почнат да пожолтуваат и да паѓаат. Идеална температура за одгледување е 14-18ºС.

Треба да се внимава на правилно залевање. Во зима залевајте го секој десетина дена, а во лето двапати неделно. Никако не дозволувајте да стои во вода. Петнаесет минути по залевањето, одлијте го вишокот вода од подлошката. Во текот на пролетта и летото прихранувајте го еднаш месечно со течно ѓубриво за собни листести растенија. Повремено оросувајте му ги листовите.
Пресадувајте го секоја година. Подоцна, кога веќе е во голема саксија, нежно отстранете го горниот слој земја и заменете го со нов.

 

Ако сакате да му го ограничите растот, поткаструвајте го, а и тоа најдобро да биде во пролет. Поткастрените врвови може да ги користите за размножување. Земете резница од околу 10 см која има два пара на листови. Стебленцето одрежете го косо веднаш под долниот пар листови, а потоа и нив отстранете ги, така да остане само еден пар листови. Оваа резница насадете ја во земја до листовите. Чувајте ја на топло и светло место и редовно полевајте ја и набрзо ќе има нови ливчиња.
Векот на траење на бенџаминот е 2-15 години. Затоа ако правилно се грижите за него, ќе имате собно растение кое подолг период ќе го разубавува вашиот дом.