Сансеверијата или често нарекувана и индијанско перо (лат. Sansevieria) е многу отпорно декоративно собно растение. Води потекло од тропските делови на Јужна Африка. Идеална е за одгледување кај луѓе кои имаат премногу работни обврски, бидејќи не бара премногу нега. Најмногу е присутна во деловни простории и канцеларии.
Сансеверијата е цвеќе кое е карактеристичнo по своите исправени, долги листови кои нараснуваат и до 80 cm во висина. Расте во полусенка и сенка, но успева и во потемни простории со многу малку светлина. Доколку ја чувате во сенка губи на убавина и нејзините шари стануваат помалку видливи. Не бара премногу влажност на воздухот, па поради тоа може да се чува и покрај радијатор.
При залевањето треба да се внимава земјата да не е целосно влажна, туку треба да се засуши помеѓу две залевања. Поднесува нередовно залевање. Преголемата изложеност на влага може да предизвика нејзино трулење. Во текот на зимата доколку растението е на постудено место (но не под 10°С), може да се залева и еднаш месечно, додека во лето се залева на секои 7-10 дена. При залевањето водата не треба да дојде во срцето на растението. Водата која ќе се собере во подлошката треба да се испразни.
Сансеверијата има мал и плиток корен, па затоа треба да се сади во плитки и широки саксии. Таа се пресадува само кога и е премала саксијата. Најдобро е да ја пресадите во пролет и тоа во лесна, плодна земја со додаток на 15% речен песок. Земјата во која се пресадува треба да има добра дренажа – одвод на вода. Се размножува со резници и со делење на коренот. Доколку ja размножувате со резници, таа ќе го изгуби убавиот жолт раб и жолтеникавата боја.
Во зависност од видот на листот се разликуваат по шарите и бојата. Претежно се одгледуваат три видови: Sansevieria trifasciata која има темно зелени листови на кои се наоѓаат попречни сивкасти пруги, другиот вид е Sansevieria trifasciata var.laurenti која има жолто-зеленкасти листови со преубав жолт раб и третиот вид е Sansevieria hahnii која е нешто пониска сорта, но затоа има многу широки листови.
Отпорна е на прашина и на загаден воздух. Единствено бара повремено остранување на прашината со сунѓер од нејзините листови.