Калатеата (Calathea) е повеќегодишно растение со елипсовидни или издолжени листови во бела, зелена и виолетова боја и нивните нијанси. Води потекло од тропските предели на Јужна Америка, односно од Бразил, каде расте во тропските шуми, на бреговите на реките и езерата. Локалното население често ги користи листовите за плетење на кошници. Токму од таму потекнува и името на родот (Kalathos), што во превод од грчки значи “кошница”.
Ова се едни од најубавите и атрактивни лисно-декоративни растенија. Тие имаат ефектни и егзотични точки кои се разликуваат по големина и форма.
Овој род вклучува околу 150 видови на растенија. Позната е по своите зебрасти листови. „Calathea crocata“ има речиси едноцветни листови и најчесто се одгледува поради светлите портокалови бои. Попознати видови се: C.picturata, C.rebrina, C.Maui Queen. Најпопуларна е Калатеа макојана (C.makoyana). Листовите и се со светли, речиси со бели основни бои, со фино темно зелена нерватура и поголеми и помали темни со црвеникава нијанса елипсовидни дамки. Американците и Французите ја нарекуваат “растение-паун” (англиски: peacock-plant).
Калатеите не се лесни за одгледување. Се чуваат дома на оптимална температура, не пониска од 15 степени. Најмногу и одговара температура од 16 до 20°С. Треба да се внимава да не биде изложена на промаја. Тие сакаат полусенкасти позиции и не сакаат директна сончева светлина. Бараат висока воздушна влажност, особено во топлите периоди. Почвата е потребно да биде постојано влажна, но да не се наводнува прекумерно. Неопходно е да ја полевате со млака, мека вода која е отстоена некој ден.
Пресадувајте ја редовно, еднаш годишно, и тоа најдобро во јуни, во еден број поголема саксија, а прихранувајте ја на секои 2 седмици. Се размножува со делење на коренот во март и април. Ако листовите почнат да се свиткуваат тоа значи воздухот е сув, а ако добијат исушени флеки значи дека биле изложени на јако сонце. Ако е земјата многу сува, тогаш на рабовите на листовите се појавуваат кафеави траги.
Во овој случај целата саксија натопете ја во млака, мека вода во која има додадено течно ѓубриво за земјата убаво да се натопи. Оставете ја да исцеди од вишокот вода и вратете ја на нејзиното место. Ако правилно ја одгледувате, калатеата ќе го разубавува вашиот дом и до 5 години.